Monday, January 23, 2012

Добро информирани граѓани како основа на демократијата


О, судбино човечка колку си чудна и противречна! Од мали нозе го учат човека послушен да биде, ред и поредок да чува, да внимава на забраните, да се бои од законот и да го запазува.

Андоновски, Венко

Азбука за непослушните; Фрески и гротески

Табернакул, 2010 стр. 25

Се одлучив да започнам со овој извадок од Венковата Азбука за непослушните од проста причина што ја читам периодов, но неслучајно токму овој дел е одбран, туку стои тука горе, да реферира, да информира и да наговести за сегашноста, реалноста во која живееме.

Верувам дека народот е заситен од коментирањата, критикувањата упатени кон владиниот проект 2014, но сепак се наоѓа уште по некоја расправа што не е искажана, што притиска и бара да се огласи, па колку и да е таа повторувана преку најразлични форми. Таква е и мојата кратка расправа никната од гнев, од немоќ и агресија, па се одлучив, барем еден дел да излезе од мене, чисто да видам дали ќе го олесни обремениот ми субјект.

Па да почнам со информацијата. Имено, информацијата што ни ја нуди ова наша демократија е всушност една конзервативна слика, претстава на која треба да се поклониме. Па ако тогаш информацијата што имплицитно (а неретко и експлицитно) се пренесува, служи да те обедини, односно потчини (во чиј прилог и оди времето и општеството какво што е денес), тогаш може ли денес да се каже дека има демократија, слободно мислење. Се´ си подлежи на одредени закони, на одредени форми на моќ што контролираат, управуваат. Еден таков центар е секако власта (најмоќниот би рекла), државата, која одредува каде и колку ќе има демократија.

Ќе споменам тука за една тазе завршена градба и нејзините гадгети (gadgets- китење; кич), односно триумфалната порта (за чија изградба во доцниот 20-ти и 21-ви век стручната јавност ја коментира како производ на лош вкус, образование и сиромашна состојба на духот, а уште и под покровителство на државата алудира на јасна општествена драма каде демократијата е мртва, поради фактот дека самите триумфални капии уважуваат слава во земји каде владееле/владеат диктатури) и четирите бронзени скулптури од млади девојки и момчиња (иднината е во младите, нели) кои со рацете покажуваат кон историјата и културата на Македонија. Значи тука збориме за една матрица која те одредува, ти го налага стандардниот, типичен модел на репродукција (момче-девојче), која има за цел да го одржува и одново и одново да го репродуцира културното наследство, за никогаш да не се искочи од кругот, никогаш надвор и секако никогаш поинаку. Не сакам да должам многу за ова, за овој стереотип, за ова наметнување на нешто кое спори со денешното општество, со денешните културни и реални услови на живеење, кое оди кон една апсурдноста на постоењето. Како последица се добива еден расцепкан субјект кој веќе не знае која информација е правилна, каде е тој во светот, кој е неговиот идентитет.

Можеби ќе бидам обвинета за радикалност, иако сметам дека бев скромна и кратка во излагањето, па и да бидам, ќе речам да, секој има право нели на збор, кој како таков е секако плод на некаква информација дојдена до неговите мозочни центри, а таква е затоа што не е инаква...

Привршувајќи го текстов ќе кажам дека во ваков еден хронотоп демократијата е само идеја (за одредеа популација би рекла, која чита, гледа поинаку), идеја без реална можност за реализација. Но, да завршам со книжевниот збор (кој, барем мене, некогаш ме избавувал од мрачните ми мисли), кој е во продолжение на горенаведениот текст: Но, има нешто во длабочината на неговата слаба и грешна душа што му вели: „Тој и тој закон не е праведен и не треба да го чуваш“

No comments:

Post a Comment